Јас не сум учел факултет 5 години за да имам плата од 15,000 денари. Не можам да работам било што, ја чекам вистинската работа за мене. Овде брат не ја бива. Во странство сигурно ќе добијам плата од минимум 1,000 евра.
Ова се само некои од коментарите кои секојдневно ги слушам од луѓето во мојата околина.
Во исто време на друштвените медиуми фрчат статуси од Робин Шарма, Доналд Трамп, Нелсон Мандела и ред други лидери кои станаа наши херои на денешницата.
Се ова е во ред. Сите овие луѓе треба да ни служат како инспирација. Доказ дека соништата се остваруваат и причина да продолжиме да сонуваме. Но, позади успехот на сите овие луѓе, се крие една работа која малкумина ја практикуваат а тоа е дека за да ти се исполни сонот, треба да работиш за него и на него. Вербата е само почетокот. За да го доживееш неговото остварување треба да се окозиш од работа.
Една друга важна работа која не треба да ја заборавиме е дека последното поглавје од животот на некој човек не може да биде нашето прво поглавје.
Да, Ричард Бренсон е синоним за човек кој ги исполнил соништата ама не верувам дека пред 30 години тој седел дома и си велел самиот на себе- што е мое ќе си дојде. Или пак, дека не му било ни на крај памет да излезе од дома да работи за 100 фунти. Сигурно не го правел тоа.
За да успее Ричард Бренсон, работел се и сешто на почетокот. Исто како Доналд Трамп. Исто како и Робин Шарма. Не се разбудиле тие еден ден и добиле се и се разбира дека никој не им ги сервирал овие работи на послужавник. Не! Тие се бореле, ризикувале и најмногу од се не се плашеле да работат. Знаеле дека само преку макотрпна работа можат да си ги остварат сопствените соништа.
Вистината е драги пријатели дека ништо во животот не доаѓа само од себе. Целиот наш живот е делчиња од мозаик кои се собираат со секое работно искуство, со секој поминат предизвик, со секоја исплакана солза и неуспех. За да добиеш нешто треба да се бориш за тоа. Треба да ризикуваш за тоа. Треба да работиш на тоа. Бидејќи ако само седиме и чекаме чудото да тропне на нашата врата ќе го поминеме сиот наш живот чекајќи и жалејќи се дека животот е суров и дека се обидуваме но работите едноставно не ни одат од рака.
Сонувањето е прекрасно и да треба да се сонува но треба и да се разбудиме и да сфатиме дека секој почеток е тежок но и секоја тешкотија со себе носи лекција која ќе не однесе таму каде што живеат нашите соништа.
Кога ја земав мојата диплома, татко ми ме прегрна и ми кажа- сине, толку од нас, сега е време самиот да почнеш да заработуваш за себе. Мислев дека се шегува но фала му на бога што не се шегувал.
Ја мразев мојата прва работа. Продавав услуги за рефинансирање преку телефон во Англија. Луѓе ме пцуеја на телефон, ми се дереа, ми се закануваа но јас продолжив да вртам. Знаев дека сето ова е само едно искуство кое ќе ме однесе до местото каде што заслужувам да бидам. Не дојде тоа место туку така. Требаше да се случат многу предизвици, многу падови, за конечно да сфатам дека апсолутно се вредело бидеќи нема ништо поубаво од тоа кога си го остварил сонот и знаеш дека тој сон е твоја заслуга. Ти си се борел за него. Ти си работел и плачел за него. И продолжуваш да се бориш бидејќи сфаќаш дека секоја борба колку и да е тешка носи со себе благодети кои ќе те направат подобар и посреќен човек.
Ден денес се чудам кога некој ќе ми дојде на интервју и гледам дека на 25ти години, не само што завршил факултет, туку има и магистратура па и докторат. Искрено, не гледам ништо спектакуларно во тоа дека со твоите 25 години си успеал да докторираш а притоа немаш ни еден работен ден во твојот живот. Вистината е дека исто како сонувањето, и факултетот ништо не вреди ако не го ставите сето тоа знаење во пракса.
Време е да се разбудиме луѓе. Поминаа времињата кога брзо се правеа пари. Живееме во суров свет во кој има уште милијарди луѓе како нас. Она што ќе не направи поразлични од другите е само нашата трпеливост, издржливост и работливост. Само таквите луѓе ќе преживеаат и само на таквите луѓе соништата ќе им станат реалност. Другите 99% ќе продолжат да сонуваат и еден ден кога ќе ги снема ќе сфатат дека сиот живот го поминале спиејќи.
Затоа, не плашете се од работа. Не плашете се да започнете со минимална плата. Не срамете се од тоа што го работите бидејќи тоа што можеби сега ви изгледа како најмизерна работа, чекор по чекор ќе ве однесе до работата од вашите соништа.
Разбудете се и почнете да работите за вашите соништа.
Коста Петров е Основач и извршен директор на Пи Ворлд- глобална агенција за организирање на настани со канцеларии во Скопје, Прага и Баку и присустност во 30 земји во светот.
Тој е и автор на Се гледаме на врвот и Стравот.
Во 2013та година, пресижниот магазин Конгрес го прогласи за еден од 30те највлијателни луѓе во индустријата за настани во Европа.
Share This Post