Поминаа точно три години од кога ја отворив мојата компанија во Македонија. Три годени исполнети со среќа, радост, предизвици но и многу научени лекции. Успеавме да освоиме повеќе од 30 различни земји. Во некои од нив сме број еден, во некои се бориме за нашето место под сонцето но ги има и оние каде што за жал колку и да сме се труделе, не сме успеале. И сето ова е дел од патувањето наречено водење на сопствена компанија. Ќе има моменти кога ќе бидете најгордиот основач на светот но ќе има и моменти кога навистина нема да знаете што треба да направите за да го зачувате вашиот бизнис.
Да би можел да го вратам времето би променил многу работи но за жал тоа не можам да го направам. Она во што сум сигурен е дека сите работи кои ни се случиле како компанија морале да ни се случат за ние да бидеме тоа што сме денес. Знам дека ќе се случат и други, мал милион работи, некои ќе бидат добри а некои лоши но сите тие ќе бидат дел од созревањето на нашата компанија. Всушност, најголемите лекции се учат од најголемите падови и ако сте навистина силни и верувате во вашата визија, сите овие падови и проблеми ќе ве однесат на патување кое ќе го промени вашиот живот засекогаш. Би сакал со вас да споделам пет работи кои јас ги научив на ова мое патување. Пет работи кои, сега кога размилувам, би сакал мене некој да ми ги кажеше пред три години. Но така требало да биде. Лекцијата сум требал сам да ја научам. Исто како и вие што ќе треба сами да ја научите вашата. Најважното од се е да ги споделуваме научените лекции бидејќи само така ќе знаеме дека всушност во оваа битка не сме сами. Не има многу. Визијата на компанијата е многу важна. Осигурајте се сите ваши вработени да ја разберат и живеат таа визија.
Како основач на компанија имав визија да креирам компанија кога ќе го промени глобалниот бизнис свет. Тоа беше мојата визија. Јас ја живеев таа визија. Верував во неа. Живеев за неа. Оваа визија беше мотивот да станам и да одам на работа. И сето ова е супер. Важно е да се има визија. Но она што е поважно е дали вашите вработени ја разбираат вашата визија. Ако вработените не ја разбираат, таа визија не ви вреди ништо. Таа визија ако не може да се имплементира е само сон кој засекогаш ќе остане сон. Најинтересно во целиот овој процес е тоа што вие како основач можеби мислите дека сите ја разбираат вашата визија но вистината е дека процесот на имплементирање на визијата е најтешкиот дел во водењете на сопствен бизнис. Мислејќи дека сите ја разбираат визијата на компанијата, за жал, изгубив некои луѓе на кои можеби ако подобро им објаснев што точно ние треба да правиме, сега ќе беа дел од мојата компанија наместо да работат за некој друг. Но, и тоа е дел од созревањето. Кога започнувате сопствен бизнис, не им ветувајте нереални работи на вработените. Размислете пред да им ветите било што. Кога започнувате сопствен бизнис повеќете од одлуките се резултат на вашата возбуденост. Едноставно, вие верувате во тој бизнис и имате сигурност дека работите ќе се одвиваат токму така како што вие ги замислувате.
Реалноста е дека секој бизнис треба природно да созрее и треба да помине низ одредени процеси пред да се доведе до ниво на стабилност. Додека не го доведете бизнисот на тоа ниво на стабилност кое ви е потребно, не ветувајте им на вработените работи кои не можете да ги исполните. Ако сакате да ги наградите, направете го тоа спонтано но никако не им ветувајте работи кои сте сигурни дека сакате да ги направите но за жал бизнис реалноста не ви го овозможува тоа. Не заборавајте, вработените ве гледаат како лидер и веруваат во тоа што ќе им го кажете. Моментот кога нема да можете да го исполните тоа што сте им го ветиле е моментот кога тие ќе ја изгубат довербата во вас но и во компанијата. Кога сте сопственик на компанија, апсолутно се е ваша одговорност. Од тоа дали има тоалетна хартија до тоа дали платите се исплатени на време. Ова можеби беше најтешката лекција за мене. Некогаш кога некој проект немаше да успее а време беше да се пуштат плати, во себе ги обвинував вработените поради ситуацијата во која се наоѓа компанијата.
Реалноста е дека секој подем но и секој пад е всушност само моја одговорност. Вработениот не треба да се грижи дали ќе има доволно за плата или дали ќе има доволно да се платат сите сметки овој месец. Не. Тоа е моја одговорност. Моја одоговорност е и ако некој проект не успеал. Да, други работеле можеби на проектот. Тие можеби биле повеќе инволвирани од мене во процесот. Во ред е тоа се но вистината е дека на крајот од денот јас сум одговорен за тој неуспех. Ако имате сопствена компанија ова мора да го прифатите. Не ја префрлувајте вината на вашите вработени. Тие не се основачи на компанијата. Вие сте. Преземете одговорност за се. Вработените се луѓе, тие не се роботи. И тие имаат живот. Никако, ни под разно, не им го правите животот потежок. Ако немате капацитет да ги задржите, пуштете ги да си ги исполнат сопствените соништа. Не треба да очекувате вашите вработени да поминуваат низ тоа што вие го поминувате. Не треба да очекувате и тие да се откажат од сопствениот живот и да гледаат во компанијата со вашите очи. Никако не го очекувајте ова. Вистината е дека не е секој подготвен да се откаже од сопствениот живот и потреби поради тоа што вие, како сопственик, сте решиле да го менувате светот. Секој вработен има свој живот. Нивниот живот зависи од вашата компанија. Ако вашата компанија не може да ги задоволи потребите на вработениот, реалноста е дека не го заслужувате тој вработен. Пуштете го да си оди и да си ги исполни сопствените соништа. Не ги правите вработените заложници на вашите соништа и идеји. Вие имате ваши соништа, тие имаат нивни. Ако не можете да ги задржите, без разлика на тоа колку вие сакате тие да да останат, вие морате, апсолутно морате да ги пуштите да си одат.
Никогаш не престанувајте да учите. Секогаш бидете подготвени за нови лекции. Водењето на компанија е процес на созревање и учење. Секогаш бидете подготвени за нови лекции. Секогаш. Никогаш, апсолутно никогаш немој да мислите дека знаете се. Вистината е дека никогаш нема да знаете се. Секогаш ќе постојат работи кои допрва ќе треба да ги научите. Знам, постојат моменти кога сте самоуверени и кога мислите дека знаете што правите но не заборавајте, се е тест. Ако сте подготвени на учење, тогаш ќе го поминете секој тест и во иднина можеби нема да ги правите истите грешки. Она што го научив е дека во процесот на креирање на продукт секогаш треба да размислувам како тоа да го правам прв пат во животот. Секогаш треба да бидам подготвен на се. Секогаш треба да ги имплементирам научените лекции но секогаш морам да бидам апсолутно спремен и за нови лекции.
Гледајќи наназад, горд сум што креиравме нешто уникатно од Македонија. Жалам за многу работи. Можеби ако некој ме подготвеше повеќе немаше да направам некои грешки. Можеби работите сега ќе беа поинакви. Можеби. Вистината е дека работите се секогаш такви какви што треба да бидат. И тоа е единственото нешто што ме води напред. Денес, после три години знам дека секој тест е всушност лекција. Лекција која ќе ме научи да бидат подобар менаџер но и подобар човек.
Share This Post