Моето мото во животот е секогаш да се фокусирам на позитивните работи околу мене. Ретко кога реагирам на негативните вести, коментари и мислењата на негативните луѓе околу мене. Овој пат решив да направам еден мал исклучок. Зошто? Бидејќи навистина ме боли тоа што негативната енергија владее насекаде околу нас и мислам дека веќе е доста. Навистина е доста!
Не сакам да навлегувам во детали за она што се случи во Битола на Фестивалот Манаки. Навистина не ме интересира кој како бил облечен, дали опинци шетале по црвениот тепих или кој со кого дошол на отварањето. Ќе го кажам само следното- Лабина Митевска е мојот херој. Ниеден скандал на црвениот тепих нема да го промени тоа. Колку и да сакаат некои луѓе да го оцрнат фестивалот, за жал тоа никогаш нема да им успее. Знаете зошто? Бидејќи се гледа дека фестивалот е правен со љубов. Се гледа дека во него е инвестирана невидена енергија и знаете што- колку и да зборувате, можеби тоа е единствениот фестивал во Македонија на кој навистина можеме да се гордееме.
Сте се запрашале ли колку е тешко да се донесат видни луѓе од светскиот филм во Македонија? Јас ќе ви одговорам. Тоа е невозможна мисија. Но ете, година во година на Лабина и успева тоа и секоја година на фестивалот носи се пореномирани гости. И наместо да се радуваме и да го цените трудот на Лабина и нејзиниот тим, ние во последниве неколку денови само шириме негативна енергија и се разбира и по милионити пат стануваме невидени експерти за апсолутно се. Се разбира тоа го правиме од дома, во пижами, исфрустрирани од сопствените неуспеси, со завист што некој нешто направил од својот живот.
Аман луѓе доста е. Стварно е доста веќе. Доста веќе со негативните коментари. Доста веќе со плукање на се живо и диво. Доста е! Зар не ви здосади да ги исфрлате сопствените фрустрации на луѓето околу вас? Зар не ви здосади да го омаловажувате успехот на другите? Зар не ви здосади другите да ги обвинувате за вашиот неуспех? Стварно, доста е веќе.
Време е да се разбудиме. Доста веќе беше спиење. Дајте да почнеме да се цениме. Дајте бар еднаш да кажеме- браво бе Лабина. Браво Манаки Фестивал. Браво што ја ставате Македонија на светската мапа. Браво што ни правите да се чувствуваме дека сме дел од светот. Па макар тоа било и со одење по опинци на црвениот тепих.
Сакам уште една работа да ви кажам. Негативните коментари само покажуваат што имате во вашата душа. Немојте да мислите дека тие ќе допрат до луѓето кон кои се упатени. Не. Тие ќе продолжат да чекорат по својот пат но убаво би било да се запрашате, по кој пат сте вие тргнати? Мислам дека е крајно време да го направите тоа.
П.С Лабина никогаш во живот ја немам сретнато но кога ќе се случи тоа, ќе и кажам едно големо БРАВООООО. Не само поради Манаки. Кога пред десет години студирав во Прага, кога и да кажев дека сум од Македонија сите велеа- а тоа е земјата на Лабина Митевска. Да, драги луѓе. Ова е земјата на Лабина Митевска
Share This Post