Што се замислува овој Коста Петров? Од кај па сега Коста Петров човек на годината? Во кој филм е влезен овој Коста Петров?
Што има направено тој Коста Петров за Македонија? Свадбата сакам да ми ја организира Коста Петров! Колку книги продал овој Коста за да има најпродавана книга-10?
Ова се само некои од коментарите кои пристигнаа на мојата адреса во последните година и пол. Стигнаа и многу позитивни и охрабрувачки пораки но човечкиот ум знае некогаш да си игра многу валкани игри со нас. Некогаш доволно е само една мала негативна порака или мисла за да сето она што макотрпно сте го граделе со години падне во вода.
Чувството кога читате навредувачки пораки упатени кон вас е нешто што не би сакал да му го посакам никому. Ви се превртуваат цревата во стомакот. Ве обзема тага, па бес. Се прашувате што сте им згрешиле на овие луѓе што толку ве навредуваат. Болката е уште поголема кога ќе дознаете дека и луѓе со кои се познавате и со кои сте делеле спомени, исто така влегуваат во дискусии за тоа каков човек сте вие и ред други работи.
Најстрашно во целата оваа ситуација е тоа што толку многу убави работи ви се случуваат во животот а вие сепак се концетрирате на некои мали негативни мисли кои немаат никаква врска со реалноста. И тогаш всушност доаѓа најголемата лекција во целата оваа ситуација.
Вистината е дека секогаш ќе постојат луѓе кои ќе ве исмејуваат. Луѓе кои ќе ви кажуваат дека вашите соништа се глупави и нема шанси да се остварат. Луѓе кои ќе ви се смеат кога ќе паднете и ќе ве омаловажуваат кога ќе постигнете нешто. Е сега, прашањето е, што да се прави со овие луѓе?
Одговорот е едноставен- НЕ РЕАГИРАЈТЕ! На крајот од денот секој има право на свое мислење. Она што е апсолутно важно е никогаш да не дозволите негативнити мисли на другите луѓе да влијаат врз вашиот живот и вашите соништа. Ако се откажете од вашите соништа на првата негативна критика или на првото тролање тогаш вистината е дека не заслужувате вашиот сон да стане реалност.
Еден мој пријател кога дискутираме на оваа тема секогаш ми вели, Коста, не дозволувај луѓет кои се откажале од своите соништа, да ти кажуваат ти да се откажеш од твоите. Токму во оваа реченица се крие тајната на успехот. Метафорички кажано, сите овие луѓе имаат една единствена функција во вашиот живот- да ве тргнат од патот по кој сте создадени да одите. Но не само да ве тргнат од патот. Тие не сакаат вие да го направите ни првиот чекор. Затоа болката кај некои поединци кога ќе видат дека некој е успешен е толку голема. Тогаш тие во тој момент сфаќаат дека некој тргнал по својот пат и си ги остварува сопствените соништа додека тие се плашат да го направат и првиот чекор.
Друга многу важна работа. Животот е преубав. Полн со убави моменти. Полн е со лекции кои ќе ве направат подобар човек. Не го трошите времето на луѓе кои сеат омраза. Знам дека е тешко и знам дека боли но секоја минута потрошена на нечија негативна енергија се 60 секунди од уживањето во сите благодети во вашиот живот. Работите на своите соништа и креирајте го животот кој го заслужувате.
Најважно од се, никогаш, апсолутно никогаш, не ставајте се во позиција да го објаснувате вашиот успех. Луѓето кои се важни во вашиот живот, ќе знаат низ што се не сте поминале за да си ги остварите сопствените соништа. Тие ќе се радуваат на вашиот успех исто како да е нивен. И само тие луѓе се важни.
Пред неколку години кога работевме на еден проект кој требаше да ги слави успешните луѓе во Македонија, еден наш познат гитарист ми кажа- успехот во Македонија никој нема да ти го прости. Долго време размислував околу ова и колку и да звучи вистинито, не се согласувам со тоа дека требате да барате од некого да ви го прости успехот. Во успехот се ужива и се радува и кога тој се случува најглупавото нешто што можете да го направите е да барате некој да ви го прости истиот.
Кога ќе ви се случи успехот, уживајте во сите благодети што тој ќе ви го донесе. Споделете ги научените лекции и помогнете им на другите да тргнат по својот пат. Бидете пример за нив дека соништата можат да се остварат, без разлика на тоа колку невозможно некогаш тоа изгледа.
А на оние, кои ќе плукаат по вас и кои ќе го оспоруваат вашиот успех, испратете им љубов и посакајте им успех на секое поле. Посакајте им и нивните соништа да станат реалност и бар еднаш во животот да ја почуствуваат радоста при исполнет животен сон.
Share This Post