Можеби нема да се согласите со мене но апосолутно сум сигурен дека сите ние самите сме режисери на нашиот филм. Сите ние, секојдневно со нашите избори решаваме кој жанр ќе биде нашиот филм. Тоа не важи само за нас како личности. Важи и за компанијата во која работиме, луѓето со кои се дружиме и најважно од се и земјата во која сме родени и која стои на нашиот пасош.
Не би рекол за мене дека сум голем патриот. Бар не во типична смисла на зборот. Се гордеам што сум од Македонија но никогаш не би се придружил на толпата која секојдневно вее македонски знамиња и има тетоважи од Егејска, Вардарска и Пиринска Македонија. Немам апсолутно никакви предрасуди кон нив, едноставно во мојата глава патриотизмот има многу поразлично мислење. Многу подуховно.
Секојдневно на најразлични портали сум сведок на најразлични размислувања, толкувања, текстови, есеји, полемики и разговори за нашата земја. Она што ги поврзува сите овие дискусии е негативната енергија која сите ние ескпресно ја искажуваме кон нашата земја. Ретко ќе прочитате некој позитивен коментар. Ако го има, веднаш под него следува друг коментар дека личноста која искоментирала е симпатизер на власта и ред други приказни кои доведуваат до тоа и најмалата позитивна искра да биде загушена со омраза и предрасуда.
Седејќи дома и читајќи ги коментарите и мислењата на сите овие личности не можев а да не се запрашам – До кога ние ќе ги обвинуваме другите за хаосот во нашиот живот? До кога Македонија ќе ни биде крива на сите за нас, за нашите неуспеси, за нашите падови, за нашите неисполнети соништа.
Основното правило на сите духовни науки е дека универзумот ќе ти даде тоа што ти ќе го посакаш. Дали ја сфаќате тежината на овие зборови? Дали ја сфаќате нашата одговорност во цела оваа ситуација? Знаете ли што значи ова? Ова значи дека со секој наш коментар, со секоја наша негативна мисла за нашата земја, за нашиот живот, ние не само што придонесуваме за нејзиниот тотален колапс туку создаваме простор за креирање на таков хаос во нашите животи, што ни следните 10 генерации нема да можат да го оправат.
Мораме сите, ама апсолутно сите да ја преземеме одговорноста за тоа што се случува во нашата земја. Како што сите славевме кога нашите кошаркари триумфираа во Европа, со таа иста енергија, со таа иста жар, ние самите треба да ја преземе одговорноста за лимбото во која се наоѓаме и кое станува нашата секојдневна реалност.
Тоа е само првиот чекор, полесниот чекор. Најтешкиот чекор е тотална елиминација на реактивноста на македонскиот народ. Како ќе го направиме тоа? Едноставно е луѓе. Во секоја ситуација во нашите животи имаме две можности: да избереме хаос или да избереме среќа. Ние упорно го бираме хаосот. Во секоја ситуација во модерната македонска историја ние помеѓу двете опции, апсолутно секогаш го бираме хаосот, иако во сите моменти имаме можност да ја избереме и среќата. А знаете ли зошто го бираме хаосот? Бидејќи така е полесно. Бирајќи го хаосот не мора да се промениме. Бирајќи го него, ја прифаќаме ситуацијата таква каква што ние мислиме дека е. Темна, мачна, депресивна.
Луѓе, светлина секогаш има, дури и кога е најтемно. Ако не можеме да ја видиме не значи дека не постои, дека не не чека да ја откриеме и внесеме во нашите животи.
Знаете што, работите никогаш не се толку црни како што изгледаат. Универзално правило на човечкото постоење и развиток е дека преку најголемите предизвици ќе дојдат најголемите награди во нашите животи. Ја сфаќате ли моќта на овие зборови? Сите овие предизвици кои секојдневно и се случуваат на нашата земја се знак дека според универзумот работите се токму такви какви што треба да бидат. Сфатете дека сите ние ја креиравме оваа ситуација за да ја научиме најголемата лекција за нашето постоење.
А таа лекција е едноставна! Тоа што ќе го пуштиш надвор во универзумот тоа и ќе си го добиеш назад.
Ние секојдневно испуштаме омраза, завист, љубомора и што добиваме за возврат. Па токму тоа што сме го заслужиле- хаосот.
И сега кажете ми кој е крив за ова што ни се случува нас? Македонија ли е крива или ние самите сме си криви?
Кога последен пат наместо да опцуеме некого сме избрале да им кажеме благодарам за ова искуство, те сакам. Кога? Никогаш луѓе, никогаш. А сме ја имале таа опција. Секогаш ја имаме другата опција. И се додека ја бираме погрешната опција, хаосот ќе биде дел од нашиот живот.
Знаете што, мене ми е жал за Македонија. Не ми е жал за нас. Ние го добиваме токму тоа што му го испраќаме на универзумот. Ние го добиваме тоа што сме го заслужиле.
Запрашајте се убаво и размислете. Каква земја сакаме да имаме? Ако сакате хаос супер, уживајте во хаосот, но сигуренн сум дека искрено во себе сите сакаме хармонија, мир, среќа, нели? Тогаш ајде сите ние по малку да започнеме да ја креираме таа иднина. Дај да го засадиме тоа семе на позитивност. Можеби ќе му треба време да порасне но сме го засадиле и еден ден ќе порасне и ќе роди плодови и тогаш нашите деца ќе ни бидат благодарни за тоа што намесот хаос сме избрале среќа.
Ве молам, утре, денес, во моментов, не дозволувајте негативната мисла да ве совлада. Колку и да е темно верувајте во светлината, таа секогаш постои. Таа чека на нас. Но нема да стигнеме до неа ако се одалечуваме од неа.
Би сакал да завршам со една приказна која секогаш ми е инспирација во тешки моменти.
Тројца луѓе се заглавени во темна просторија. Прст пред око не се гледа,
Првиот почнува да ја слави светлината како најмоќен бог. Вториот почнува да гради црква и да се моли да дојде светлината.
Знаете ли што направил третиот?
Го нашол штекерот и запалил светло.
Ајде и ние да го запалиме светлото.
Share This Post